Родители негодуваат, Владата пресече: Учениците со маски и во второто полугодие

Се ближи почетокот на второто полугодие за учениците. Со физичко присуство и со носење на заштитни маски од 1 февруари ќе започне наставата за учениците во основните и во средните училишта. Ваква одлука вчера попладне донела Владата прифаќајќи го предлогот на Комисијата за заразни болести.

– Повикуваме на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство, се наведува во соопштението од владината седница.

Со ова, практично, надлежните го отфрлија барањето на дел од родителите кои побараа учениците веќе да не мора да носат маски. Родителите организирани во Фејсбук – групата и иницијатива „Стоп за носењето маски во училишта“ од надлежните побараа децата во второ полугодие да не носат маски бидејќи тоа е штетно по нивно здравје.

-Континуираното носење маски е исклучително тешко по здравјето на нашите деца, бидејќи се отежнува дишењето. Не може безгрижно да се прославуваат нови години, журки и забави додека децата се гушат со маски за време на училишните часови, реагираат родителите.

На ФБ-страницата на оваа група е објавено и барањето по чие пополнување родителите кои не сакаат нивните деца да носат маски треба да го достават до нивните училишта.

-Бараме нашите деца да не носат маски за време на одржување на наставата во училница. За време на часовите е присутен одделенски наставник кој се грижи за одржување на дистанца меѓу учениците од 1,5 метар. Симнувањето на маските е наша одговорност и училиштатата нема да сносат никава одговорност во случај на појава на Ковид – 19. Долготрајното носење маски е исклучително штетно по здравјето на нашите деца, а тоа го потврдија и истакнати лекари, инфектолози и епидемиолози, се наведува во образецот.

Од администраторот на страницата е наведено дека веќе „десетици одделенија поднеле вакви известувања до училишта“ и дека се ближи „крајот на маските“. Дали тоа и ќе се оствари и дали тие ученици ќе можат да влезат во училиштата останува да се види на 1 февруари. 

Претходна вестКазни за 129 возачи во Скопје
Следна вестЌе ги бројат ли децата питачи по улиците или и ќе ги згрижуваат?