Пендаровски овој пат ќе има средба со Македонците од Бугарија

Средба со претставници на Македонците од Бугарија денеска на пладне ќе одржи претседателот на државата Стево Пендаровски. Средбата со повеќе македонски здруженија, која ќе претставува прв прием на Македонците од Бугарија во кабинетот на македонскиот претседател, се одржува по барање на ОМО „Илинден Пирин“ од Бугарија.

Ваквата средба беше најавена пред десетина дена, но беше одложена поради состојбите со пандемијата на корона вирусот. Од кабинетот на претседателот информираат дека по завршувањето на средбата ќе биде објавено соопштение.

Македонците од Бугарија велат дека внимателно ја следат ситуацијата со напорите на Македонија за членство во ЕУ и велат дека безрезервно ги поддржуваат аспирациите на етничките браќа од Македонија за достојно место меѓу народите на демократска Европа.

-Сметаме дека постоењето на Македонци од двете страни на границата е предуслов за мост меѓу двете земји и народите во нив. Ова наше сфаќање не го делат властите во Република Бугарија, каде на ниту еден начин не сме застапени и не можеме да се изразиме. Властите во Бугарија демонстрираат ефикасна комуникација со самоидентификуваните како етнички Бугари во РСМ, што за нас е за почит, но необјаснив е односот кон нас… Пример за тоа е односот на самоидентификуваните етнички Бугари во РСМ и претседателот Р. Радев. Сметаме дека реципроцитетот би бил знак за еднаквост меѓу бугарскиот и македонскиот народ, се вели во писмото до Пендаровски на раководствата на ОМО Илинден-Пирин и на ОМО Илинден.

Бугарија веќе 15 години по пресудата на Европскиот суд за човекови права одбива да изврши регистрација на здруженијата на Македонците во оваа земја. Бугарските власти упорно повторуваат дека во Бугарија не постои македонско национално малцинство. Минатата година и Комитетот на министрите на ЕУ ја изрази својата длабока загриженост поради неспроведувањето на пресудите.

Пендаровски вчера најави дека во текот на следниот месец ќе оди во официјална посета на Бугарија. Во соопштението од неговиот кабинет е посочено дека тоа го договара со својот бугарски колега Румен Радев, а целта е двајцата да дадат позитивен придонес во надминувањето на спорот меѓу двете земји.

Дали Пендаровски со Радев ќе зборува и за правата на Македонците во Бугарија?

Претходна вестСончево време со мала до умерена облачност
Следна вестНеколку скопски улици денеска ќе бидат без струја и вода