И на кочан ниските температури децата питачи се на крстосниците низ Скопје. Смрзнатите рачиња тропнуваат на прозорите од возилата со цел да добијат некој денар. Зошто овие едвај седум-осум годишни деца не се згрижени? Зошто не се на училиште? А вака е со години, ништо не се менува, освен што децата пораснуваат и ги заменуваат нови деца.
Од надлежните институции кои дебело го арчат држаниот буџет јавноста слуша дека имаат вакви планови, па онакви… Понекогаш и ги бројат децата питачи по градовите во Македонија. Еве сега имаат и најнови бројки.
-Во моментот, преку теренската работа на центрите за социјална работа и на мобилните тимови, детектирани се 70 деца на улица, во главниот град и во останатите градови. Најголем дел се по улиците на Скопје. Треба да ги вратиме во образовниот систем оти инвестицијата во нив е инвестиција во иднината, изјави новата министерка за труд и социјална работа Јованка Тренчевска во синоќешното гостување на телевизијата Алсат.
Ова е само нова во низа бројките за тоа колку има деца-питачи по улиците. Во јавноста, досега, циркулираа најразлични бројки. Минатата година во јули, во рамките на едно новинарско истражување финансирано од ЕУ беше наведено дека бројките се значително поголеми.
-Теренските истражувања на Дневниот центар за деца од улица, покажале дека околу 200 деца просат низ централното градско подрачје на главниот град и тие доаѓаат најмногу од кампот населен со бездомници во Визбегово, ромската Ге-Ге населба и од Шуто Оризари. Според, анализата направена од Првата детска амбасада Меѓаши, околу 300 деца секојдневно денот го поминуваат на улица. Едно двонеделно истражување на шест мобилни тимови утврдило дека 167 деца меѓу кои 18 бебиња се идентификувани на неколку пофреквентни крстосници во Скопје, беше наведено во истражувањето.
Излегува дека никој со сигурност не знае колку точно има деца – питачи по скопските улици. Но, всушност подобро е да не ги бројат – туку да го решаваат проблемот. Фактот дека децата и натаму стојат и питачат по крстосниците покажува дека досега малку што е постигнато. Државните органи се неефикасни, а малкуте невладини организации коишто се занимаваат со овие проблеми во форма на дневните центри не можат трајно да го решат проблемот. Очигледно, време е за нов пристап и посериозен однос на надлежните за да децата не бидат само статистички бројки.


