Русите велат дека го уништиле системот „Патриот“, а Украинците ракетите „Кинжал“

Руските воени власти тврдат дека со хиперсонична ракета „Кинжал“ го уништиле системот за воздушна одбрана „Патриот“ од американско производство, распореден во пошироката област на Киев. Ова денеска го изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.

Тој рече дека системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ е уништен со прецизен удар на хиперсоничниот ракетен систем „Кинжал“, пренесува ТАСС.

Конашенков додаде дека вооружените сили на Русија синоќа извршиле концентриран удар со прецизно оружје врз воени објекти во Украина.

Целите биле точките на распоредување на единиците на вооружените сили на Украина, магацини со муниција, оружје и воена опрема, вклучително и испорачани од западните земји, рече Конашенков, пренесува РИА Новости.

– Целта на нападот е постигната. Сите посочени цели се погодени, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Украина претходно објави дека во текот на претходната ноќ ги соборила сите 18 проектили лансирани од руските сили, вклучително и шест хиперсонични ракети „Кинжал“.

Главниот командант на украинската армија, генерал Валериј Жалузни, утрово се пофали дека нивните воздушни сили и воздушна одбрана ги пресретнала сите 18 ракети лансирани од руските сили во текот на ноќта кон Украина, пишува Слободна Далмација.

Претходна вестСпасовски се правда: Новите лични документи поскапеа за да може да се функционира
Следна вестМакедонија и Франција ќе го отворат ЕП во ракомет на фудбалски стадион