САД воведоа нови санкции против кинески компании поради нивна поврзаност со Иран, само неколку дена пред средбата меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг во Пекинг. Стејт департментот санкционираше четири компании, од кои три се со седиште во Кина, поради обезбедување сателитски снимки што, според Вашингтон, му помогнале на Иран при напади врз американски сили.
Истовремено, американското Министерство за финансии воведе санкции за уште 10 лица и компании, осомничени за помош во набавка на оружје и материјали за балистички ракети и дронови.
Државниот секретар Марко Рубио порача дека САД ќе преземат мерки против сите субјекти што ја поддржуваат иранската воена индустрија.
Вашингтон неодамна санкционираше и кинески рафинерии поради купување иранска нафта. Кина возврати дека се противи на еднострани санкции без меѓународна правна основа и најави заштита на своите компании, додека Трамп следната недела се очекува да ја посети земјата.

