СДСМ: Не треба да се казнуваат граѓаните со непроменети возачки дозволи

Не треба да се казнуваат граѓаните кои ги немаат заменето возачките дозволи со нови со новото уставно име на државата, соопштија утринава од СДСМ.

Од владеачката партија наведуваат дека со месеци ДПМНЕ на партиски прес конференции од белиот дворец тврдеа дека имаат решение и дека ќе го решеле проблемот со личните документи, пасошите и возачките дозволи.

-Сега, откако влегоа во техничката Влада и имаат министер за внатрешни работи, ДПМНЕ наместо решение создава хаос со личните документи и шири паника меѓу граѓаните. Не треба да се казнуваат граѓаните кои ги немаат заменето возачките дозволи. Тие се за домашна употреба и законот дава можност за опомена. Дополнително, наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши, министерот од ДПМНЕ го укина вадењето пасош без закажување, се нагласува во соопштението.

Се додава дека тоа негативно влијае затоа што го намалува бројот на граѓани кои можат да се сликаат, а од друга страна драстично го пролонгира процесот.

-Тоа значи дека граѓаните со месеци нема да можат да добијат нов пасош, а го доведува во прашање и законскиот рок за издавање пасош. ДПМНЕ и тимот на министерот во МВР направија хаос и во одобрувањето на пасошите, наместо 15 дена сега граѓаните чекаат и повеќе од 20 дена а пасошот не им е готов. ДПМНЕ едно зборува во опозиција, сосема друго прави кога е власт, наведуваат од СДСМ.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Спасовски пред заминување не обезбедил обрасци
Следна вестМакедонските граѓани кои имаат неважечки пасош ќе плаќаат по 30 евра за патниот лист со кој ќе можат да дојдат во Македонија