Православните христијански верници вечерва и утре го слават празникот на Свети Наум Охридски – Чудотворец при што во манастирскиот комплекс на брегот на Охридското Езеро вечерва ќе се служи празнична вечерна богослужба. Богослужбата ќе започне во 19 часот, а со неа ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Во манастирот утре ќе се служи и света архиерејска литургија со почеток од девет часот, на која ќе чиноначалствува надлежниот владика.
Вообичаено, како и секоја година на празникот во манастирскиот комплекс доаѓаат илјадници верници да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, бидејќи се верува дека Свети Наум Охридски имал чудесна моќ на излекување и дека бил голем исцелител. Култот за Свети Наум е силен кај верниците од Охрид и регионот, така што покрај православни верници на празникот на светецот бројни се и гости од странство, како и граѓани од други вероисповести.
Роден околу 830-та година тој е значаен средновековен научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост и македонската писменост и просвета. Св. Наум потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. Подоцна Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на св. Климент во работата на Охридската книжевна школа.
Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен за словенски епископ во Дремвица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На св. Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.
Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември (5 јануари) 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од св. Климент во манастирската црква. Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција




