Темен режим Режим на светлина

Дедо Драги држи лекции: Го уредувам дворот пред зградата иако имам 93 години, сакам на сите да ни е поубаво

Зошто тие да можат да имаат толку убав двор, а ние пред нашата голема зграда да не можеме? Ова мисла му се наметнала на 93-годишниот скопјанец Драган Илиевски откако поминал покрај уреден двор пред една куќа на „Партизанска“. Го посакал тоа и го направил пред дворот на висококатницата во која живее. Така почнал убавиот скопски пример како еден граѓанин со својот ентузијазам може да придонесе за поубав град. Граѓаните коишто поминуваат покрај висококатница во Карпош 4 на „Партизански одреди“ 72а, спроти ТЦ Сити мол, веќе може и да го видат и да уживаат во уредениот простор. Сето тоа, дедо Драги, како што го нарекуваат во семејството и комшиите, тоа го направил за последниве триесетина дена.

-Сакав да на сите ни биде поубаво, да се уреди до тогаш неуредениот простор. Кога го видов уредениот двор на куќата си помислив: „Добро, зарем ние сме глупи и не знаеме да работиме за да ни биде поубаво?“. И почнав сам да работам. Таква личност сум, сакам да создавам и да биде поубаво, и на мене и на сите околу мене. Да луѓе коишто доаѓаат во нашата зграда да почувствуваат дека доаѓаат во вистински дом, а не во зграда опкружена со ѓубре, ни рече дедо Драги.

Набрзо, целиот простор доживеал темелна промена. Дедо Драги го исчистил од отпадоци, ја средил тревата, ги окречил дрвјата за заштита, насадил нови диви црници, кајсии, цреши донесени дури од Дојран, разни цевќиња, ги опкружил со украсни камчиња… Во тоа вложил и свои средства. Му помагаат најмногу внуците и синовите кои го донесуваат потребниот материјал.

Порано дедо Драги бил специјалист по разладни уреди. Ни вели дека бил еден од првите пионери во разладаната техника во Македонија. Бил и претставник на такви фирми во Македонија. Веќе долго време е во пензија и ни вели дека дека уште има за работа.

-Сега планирам да поставам столпчиња со синџири, за тревникот и садниците да бидат заштитени од газење. Сакам ова да биде тука и да им служи на сите. И на моите шест внука и на двете правнучиња, вели тој.

Тој вели дека Скопје како град би било многу поубаво кога и самите станари би се погрижиле за просторот пред нивните згради.

-Има многу згради чиишто дворови не се уредени. Со малку труд и малку средства преку куќни совети би можеле да се уредат. Тоа воопшто не е тешко. Треба само да се сака и иницира, вели тој.

Сличност со Јосип Броз Тито

Драган е познат и по тоа што физички наликува на маршалот од некогашна Југославија, Јосип Броз Тито. Таа сличност отишла и до тоа што во тогашните македонски медиуми се објавија и фотографии коишто сведочат за таа сличност.

-Ме фотографираа во нашиот градски автобус, како се возам. Насловот над сликата беше во стилот дека „Тито се вози со автобус во Скопје“. Пресудите сами колку личам на него, ни вели дедо Драган.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Се слави Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на словенската и на македонската писменост

Следна објава

Казнети 216 возачи, секој втор возел пребрзо