Православните христијани во Македонија со низа верски и народни обичаи денеска го чествуваат Свети Трифун, светител кој оставил силна трага во христијанската традиција.
Свети Трифун е роден во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството бил чувар на гуски. И уште од детството врз него била ставена голема Божја благодат и можел да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеел царот Гордијан, чијашто ќерка имала ментални проблеми. Ниеден лекар не можел да и помогне. Тогаш демонот прозборел преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикале и овој млад Трифун. Го довеле во Рим и тој ја исцелил царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога.
Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун бил малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднел сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Најпосле мачителите го осудиле на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивнал во 250 година од нашата ера.
На овој ден, лозарите излегуваат да искројат барем една лоза и да ја полеат со вино, за грозјето да даде добар плод. Во повеќето краишта на Македонија, на денот на Свети Трифун рано наутро се одело в црква кадешто попот пеел молитва и светел вода. Луѓето оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ ги прскале лозјата. Потоа лозарите закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш“, а некаде лозарите тркалале бочви низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино. Постои и обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата со цел да се забрза заминувањето на зимата.
Именден на денешен ден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајко…
Верување е дека ако врне дожд на Свети Трифун, годината ќе биде плодна, а доколку времето е ведро, годината ќе биде сушна и неплодна. Едно од верувањата на народот е и дека со овој ден доаѓа пролетта, дека освен природата се буди и највисокото чувство кај луѓето, љубовта. Свети Трифун го слават и бројни еснафи, лозари, механичари, а страдањата на Свети Трифун се споменуваат и во литургиите




