Популарните туристички дестинации во Шпанија, Франција и Бугарија се рангирани меѓу светските дестинации каде што туристите имаат најголема веројатност да се разболат. Дури 8.675 објави на социјалните мрежи зборуваат како точно и зошто некој се разболел на овие места кои се истакнати на листата на „Форбс“ со дестинации каде туристите често ја доживуваат оваа непријатност.
Според веб-страницата „Шенген виза инфо“, листата е направена врз основа на 2,4 милиони објави на социјалните мрежи, објави Политика рс. Станува збор за постови напишани од туристи и поврзани со нивните патувања, а суштината е дека тие содржеле зборови како „салмонела“, „гастроентеритис“, „ешерихија коли“ и „труење со храна“. Иако ова се топ дестинации за одмор, се препорачува дополнителна претпазливост на овие места.
Според овој извештај, едно такво место е шпанскиот Бенидорм, кој се најде на 17-то место со 2.323 објави на интернет од туристи кои тврдат дека се разболеле токму на ова место. Во извештајот се наведува дека водата од чешма во Бенидорм е безбедна за пиење и на туристите не им се препорачува да се вакцинираат кога ја посетуваат дестинацијата, но туристичките советници на Форбс сепак предупредуваат дека здравствените проблеми се вообичаени и дека треба дополнително да се внимава.
Слична е ситуацијата и со Тенерифе, кој има уште повеќе објави на оваа листа во кои патниците се жалат на слични проблеми. Затоа, во овој случај се препорачува вакцинација без оглед на тврдењата дека водата од чешма е за пиење. Оваа дестинација е на 25 место, по Дубаи и Париз.
На 22. место на споменатата листа е бугарскиот Сончев Брег, дестинација каде не се препорачува пиење вода од чешма, туку само флаширана. На туристичките форуми се забележани 470 објави кои ја споменуваат болеста при посетата на оваа европска дестинација. Четвртата дестинација на која предупредуваат е Париз, кој заврши на 24-то место на оваа листа, бидејќи дури 4.180 објави се однесуваат на забелешките на патниците кои го поминале својот одмор во француската престолнина во кревет во хотелска соба бидејќи им се слошило.