Силен земјотрес во Турција, над 20 лица се повредени

21

Силен земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала денеска ја погоди провинцијата Баликесир во Турција. Земјотресот беше почувствуван во околните провинции, особено во Истанбул, Измир и Бурса. Само неколку минути по првиот потрес, истата област ја погоди уште еден земјотрес со јачина од 4,2 степени.

Според Американскиот геолошки институт земјотресот веројатно е почувствуван и на македонска, бугарска, грчка и кипарска територија.

Според податоците објавени на веб-страницата на Управата за катастрофи и вонредни ситуации на Турција (АФАД) потресот од 6,1 степен е регистриран со епицентар во областа Синдирги.

Утврдено е дека земјотресот, кој беше почувствуван во многу провинции во регионите Мармара и Егеј, се случил на длабочина од 5.99 километри.

Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, објави дека тимовите веднаш почнале со теренски проверки и скенирање на теренот во врска со земјотресот од 6,1 степен во областа Синдирги.

Во изјава на социјалните мрежи, Јерликаја потврди дека сите тимови од АФАД и релевантните институции веднаш започнале со теренски истражувања.

Јерликаја, во изјава за Си-ен-ен Турк, потврди дека земјотресот предизвикал материјална штета.

– Уништени се три згради и еден дуќан – изјави Јерликаја.

Една празна зграда, која веќе била оштетена во претходен земјотрес, се урнала по силниот потрес во Синдирги.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестКолеги полицајци се собраа на местото каде загина нивниот колега – да му оддадат почит
Следна вестВремето денес променливо облачно време со повремени врнежи од дожд