Скопјани од денеска ќе можат да изнајмуваат електрични тротинети

Вкупно 500 електрични тротинети од денеска им се на располагање на граѓаните на Скопје кои ќе можат да ги изнајмуваат по цена од 9 денари за една минута возење. Се работи за проект на турската фирма „Бин Бин“, а јавното претпријатие „Градски паркинг“ ќе ѝ наплаќа за издавањето на локациите каде што се поставени пунктовите на тротинетите.

Како што информираше Висар Дурак, менаџер на турската фирма „Бин Бин“, обезбедени се 500 тротинети, како и во моментот, пунктови за тротинети ќе имаат на 16 паркинзи, бидејќи три се несоодветни, па во меѓувреме се бараат нови. На неодамнешната промоција на проектот тој не знаеше да каже колку месечно им плаќаат на “Градски паркинг“ за рентањето на просторот. На прашањето дали е потреба соодветна дозвола од Град Скопје или некоја друга институција за вршат оваа дејност, ни рече дека сите работи биле соодветно завршени.

Изнајмувањето на електричните тротинети ќе чини 9 денари за една минута возење.

– Ако корисниците изберат некои од промотивните пакети, на пример тој од 500 денари, тогаш 100 денари имаат гратис, така што цената за  една минута возење ќе чини околу 7,3 денари, објаснува Дурак.

За да се користи електричен тротинет, граѓаните ќе треба да ја симнат апликацијата, за која бар-код има на пунктовите и на неа има повеќе начини на плаќање. Тротинетот ќе може да се подигне на еден од пунктовите и потоа да се остави каде било.

– На пример, граѓаните откако ќе завршат со работа можат од еден пункт да изнајмат тротинет, да си дојдат дома, а него да го остават пред нивната зграда или куќа. Бидејќи се со ГРС, тротинетите ги гледаме во системот и знаеме каде е оставен. Кога не е вклучен сигналот тротинетот тешко може да се турка и постојано свири. Така, што е тешко некој да се осуди да го украде. објасни Дурак.

Навечер тимови на фирмата ќе ги собираат тротинетите и ќе ги враќаат на пунктовите. Овој проект на турската фирма „Бин Бин“ се спроведува во уште 6 држави во над 80 града.

Претходна вестВо Германија три пати повеќе луѓе работат од дома отколку пред пандемијата
Следна вестЛевица: Да се укинат профитерските друштвата за брзи кредити, воведување државна комерцијална Банка за бескаматно кредитирање