Скопје се најде меѓу градовите што мора да се посетат приоритетно по завршувањето на ковид-пандемијата, на листата на човекот познат како влијателна личност на Инстаграм. Потпишан како „lukewhereiam“ тој има огромен број на луѓе кои го следат, и чекаат препорака од него за да посетат некоја локација.
Ваквата информација предизвикува чувство на гордост кај скопјани, разбирливо оти тоа е „градот со душа“ за нив. Но, двојно повеќе реакции се револтирачки заради различни причини. Еве дел од нив:
-Каде да дојдат тие што сакаат да дојдат? Во најзагадениот европски град?!
-Повелете во Скопје, каде на дивите депонии отпад истура самото комунално претпријатие, а кога случајно камионот на претпријатието е забележано од некоја камера, експресно бега од лице место!
-Нека повелат во градот во кој питачите, меѓу кои има и такви облечени во најмодерни фармерки, вријат по раскрсниците, од бебиња со мајки, до стари лица…, се само дел од реакциите на социјалните мрежи и во електронското сандаче на „Скопско ехо“.
Привилегија е да се препорача Скопје како дестинација за посета, но не е лошо секогаш да се потсетуваат надлежните дека не водат доволно грижа за главниот град. Препораката на Инстаграм е задолжително да се посети Матка.
-Тамам дивите платформи среде прекрасна природа да ги видат, коментираат иронично скопјани.