Тротоарите да се ослободат од паркирани возила и друга урбана опрема, ограничување на брзината и на 20 километри на час на коловозни ленти по кои заедно се движат возилата и велосипедите, редизајнирање на улиците за поголема безбедност, уште поголема мрежа на велосипедски патеки, субвенции за набавка на велосипеди…, ова се само дел од предлозите на граѓанската иницијатива „НаТочак“ упатени до десетте скопски општини.
Во обраќањето адресирано до градоначалниците на 10 скопски општини, нивните совети и советници, раководители на релевантни сектори во општините… се бара почитување и спроведување на законската надлежност. Односно, целосно штитење на јавниот интерес на локално ниво во полето на урбанистичкото планирање, изградба, реконструкција на улици и регулирање на режимот на сообраќајот, справување со проблемот со непрописно паркирање, унапредување на здравјето, согласно член 22 од Законот за локална самоуправа, кој евидентно не се почитува доволно.
Во дописот се потсетува дека некои од скопските општини изминатите годинии субвенционираа купување точаци, но редно време е да се инвестира и во инфраструктура по која би се возеле точаците.
-Општината да разработи и усвои политики и правила за поставување на урбана опрема со кои ќе се гарантира прооден пешачки коридор за разминување на 2 лица меѓу кои едното со посебни потреби (минимум 1.7м) на секој тротоар и јавен простор, па секоја урбана опрема (од светилки до отворени тераси од угостителските објекти) да се поставува во согласност со пешачките движења. Големите контејнери е пожелно да се поставуваат на коловозот во линија со паркираните возила. Да се постави физичка заштита од паркирање врз јавните пешачки, велосипедски и зелени површини во облик на столпчиња, жардиниери и слично и да ангажира комунални редари, барата од „НаТочак“.
Се бара и тротоарите да се прошират секаде каде што се тесни и има можност за проширување, да се реконструираат и уредуваат и тротоарите, а не само коловозите, да се воведат пешачки зони, како и да се користат квалитетни материјали за пешачки патеки.
-Да се донесе одлука на Совет за ограничување 30 км/х за најголем дел од мрежата (претежно станбени улици) која има издвоена пешачка инфраструктура (тротоари), но нема простор за посебни велосипедски патеки и ленти, па граѓаните кои користат велосипед се принудени да го споделуваат коловозот со моторни возила. 20 километри на час да биде ограничување за оние улици кои немаат издвоена ниту велосипедска, но ниту пешачка инфраструктура, па и пешаците и велосипедите се принудени да го споделуваат просторот со автомобилите, потенцираат од оваа граѓанска асоцијација.
Барањата се однесуваат и на безбедно паркирање на велосипеди, особено за нови објекти, како и поттикнување на овој тип на здрав, зелен сообраќај преку субвенции.