Не сум бил запознаен со набавката на софтвер за биометриска идентификација и систем за определување на просечна брзина на движење на возилата, ниту пак сум бил запознаен дека такво нешто било разговарано на Влада, изјави денеска Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. Тој сведочеше на денешното рочиште во судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и шест други лица обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ преку нелегална набавка на софтвер.
Спасовски, рече дека во периодот јуни 2019-јули 2020 година, како министер и технички премиер, мисли дека не било разговарано на Влада за набавката на ваков софтвер.
– Мислам дека не е дискутирано, зошто набавките ги прави Генералниот секретар и доколку било предвидено во Генералниот план го прават сами, изјави Спасовски.
Прашан дали во рамки на МВР била формирана група за набавка на софтвер за определување просечна брзина, Спасовски рече дека од премиерот Зоран Заев добил мандатно писмо за утврдување модели и правење анализи за надградба на системот Сејф сити да биде и во делот на безбедноста на сообраќајот.
– Не знам дали е тоа релевантно за случајот. Таква анализа е правена за потребите на МВР, а не за Влада. Како што кажав една од опциите тогаш беше да се набави нов софтвер, а друга да се надгради постоечкиот Сејф сити систем, рече Спасовкси.
На прашање од обвинетиот Рашковски, дали согласно законските обврски Генералниот секретаријат има доставувано точки на Седница на Влада, Спасовски одговори потврдно.
– Една од задачите на Генералниот секретар е да прибира материјали за седници, да прибира материјали од надлежни органи, да прави анализи и да предлага дневен ред, изјави Спасовски.
На прашањето од Рашковски, дали како Влада давале грантови на компании кои придонесувале или требало да придонесуваат во работата на одделни министерства, Спасовски рече дека ако согласно програмата за работа на Владата, е предвидено и такво доделување на средства, тогаш тоа се прави.
Прашан од Рашковски дали била направена грешка со тоа што е известен директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) дека ќе го тестираат софтверот, Спасовски рече дека тоа писмо било обврска да се прати.
– Не знам дали сте направиле грешка или не. Сте имале обврска да информирате се што работите на улица, во насока на ваша и општа безбедност, изјави Спасовски.




