Премиерот Димитар Ковачевски не е задоволен од работата на градоначалниците, a ветувањата дадени за време на изборната кампања, воопшто не се реализираат.
– Јас живеам во градот Скопје каде што гледам дека ветувањата што беа давани во текот на кампањата воопшто не се реализираат. Единствено нешто што добиваме од градоначалниците е барања за помош, меѓутоа од другата страна не постои никаква иницијатива од нив да се вклучат во справувањето со енергетската и економската криза, изјави Ковачевски.
Како еден аспект од неодговорноста, Ковачевски го спомена и тоа што во време на криза буџетите на општините се правени без да се предвидат кризни програми за справување.
Тој не пропушти да спомене притоа, дека доминантно, власта во локалните самоуправи ја освои опозицијата и декa тие мора да бидат свесни за својата одговорност.





