Испад на далноводот кај Бунарџик и пожар во Пинтија кој по се изгледа го предизвикало искрење на далноводот се двете главни причини за вчерашното исклучување на двата големи трансфораматори поради што скоро цело Скопје синоќа остана без струја. Добро е што дефектите се санираа брзо, што немаше поголеми штети. Се извлекоа ли поуки од немилиот настан за да не се повторат во иднина?
Прво да се утврдат причините зошто дошло до испадот на далноводот кај Бунарџик и дали искрењето од далноводот во Пинтија го предизвикало пожарот во кој горела сува трева околу Трафостаницата Скопје 4. Односно, ако причината е искрењето, дали е причината горењето на изолаторот на високонапонскиот далновод како што денеска се кажува или и нешто друго. Ако е само тоа, зошто тоа се случило?
Тогаш кога ќе се утврдат причините за овие дефекти ќе се знае и какви превентивни мерки треба да се преземат. Во секој случај, штом се случиле дефекти, тоа значи дека нешто не е во ред и дека е потребно подобрување. И тоа треба што побрзо да се направи и дека критичните места мора да бидат под посебен надзор.
Практично, сега се потврди во каква кондиција е целиот електроенергетски систем. Ова посебно во услови кога имаме и електроенергетска криза која не се огледа само во давање на големи пари за увоза на струјата туку и преголема потрошувачка којашто го оптоварува системот. А во услови на преголема оптовареност најлеско се случуваат тешки дефекти. Најсвеж пример за тоа ни е и ланскиот голем пожар и дефект во трафостаницата во третиот блок на РЕК „Битола“ поради кој тој се уште не работи и земјава сега не произведува доволно струја.
Значи, потребни се што побрзи и потемелни проверки на сите критични места во електроенергетскиот систем во Македонија. Само на таков начин ќе бидеме побезбедни од нови шокови и опасности.





