Средношколци медицинари револтирани што МОН не ги вклучи во конкурсот за стипендии во дуално образование

Средните медицински училишта од Штип, Гостивар и Тетово денес реагираа на одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) да ги исклучи учениците од здравствените струки од конкурсот за стипендии во дуално образование. Учениците со нивните родители, професори и раководството на Општинското средно медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово протестираа во училишниот двор. Револтот е поради тоа што добивањето стипендија и извршување практична работа во здравствена установа како дуално стручно образование било наведено во конкурсот при упис и, затоа сите тие се одлучиле да ги одберат тие паралелки.

-Без никакво објаснување Министерството објави дека од 1500 ученици кои ќе добиваат стипендија во дуалните паралелки, се изземаат само учениците од здравствена струка во средни училишта на ниво на државата. Ние имавме шест паралелки по 25 или вкупно 150 ученици. Министерството за образование зеде обврска преку фондот добиен од Швајцарската амбасада да им додели стипендија од 3500 денари по ученик во текот на школска година од девет месеци, изјави Бинас Пајазити, директор на ОСМУ „Никола Штејн“.

Наспроти ова, Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека следниот месец ќе објави конкурс за доделување на 600 стипендии за ученици кои се запишани во јавните средни училишта во државава и тоа во дуални паралелки во здравствените струки, каде се реализира практично образование со зголемен број на часови.

-Учениците запишани во здравствените струки годинава не можат да аплицираат на конкурсот за доделување 1.500 стипендии за ученици запишани во дуални паралелки. МОН одлучи да ги одвои, односно за нив да објави посебен конкурс за стипендии, а целта е на сите ученици кои се дел од дуалните паралелки, да им се излезе во пресрет и да се поддржат со финансиска стимулација поради тоа што одбрале дефицитарни струки. Започната е постапката за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2023 година. По објавата на конкурсот, аплицирањето ќе се спроведува електронски, преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk Оние кои ќе ја добијат, стипендијата ќе им се исплаќа за целата учебна 2023-2024 година“, вели МОН.

Претходна вестСкопјанец пријавил дека бил нападнат од својота партнерка со нож
Следна вестДрама во скопски Аеродром, се обидел да силува 35-годишна жена