ССМ: На првомајскиот протест ќе бараме враќање на трошоците за храна и превоз и минимална плата од најмалку 450 евра

На првомајските протести ќе бараме враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, уште во првите 100 дена на новата влада, најави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Тој објасни дека се бара онолку колкушто платата изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси.

-Сите ние заедно се соочуваме со притисокот од ниските плати, со нашата егзистенција и со проблемите кои ги прават на синдикалното движење со конфискацијата на Работничкиот дом. Денеска работниците во Македонија се соочуваат со притисок за нивната егзистенција поради зголемените трошоци за живот, како и ниските плати. Работниците се премногу незадоволни од се. Излегуваме на протест поради тоа што изминатиот период беа глуви на нашите барања , рече Трендафилов на денешната прес-конференција.

Во одговор на новинарско прашање посочи дека синдикалната кошничка веќе се пресметува и веројатно ќе има зголемување од најмалку 1. 200 денари.

-За жал, работниците во Македонија од јануари до април се посиромашни месечно за некаде околу 3. 000 денари или за 50 евра.

Работнички протест на ССМ, како што најави, на 1 Мај ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом по што работниците ќе одат до Собранието, Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.

Претходна вестСекогаш сум точен и ефикасен, а сум и прилично наивен и толерантен
Следна вестТројца супер вештаци ќе прават ново супер вештачење во судскиот процес за родилката Веапоска