Супер вештачење во судскиот процес за родилката Јилдз Веапоска ќе прават тројца вештаци од судско медицински одбор при Медицинскиот факултет од Скопје. Ова беше одлучено денеска на продолжението на судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи на родилката од Дебар Јилдз Веапоска во Основниот суд во Струга.
Таквата одлука на судијата Јордан Јованов дојде поради неусогласување на вештачењата на вешти лица од Судска медицина побарано од Јавниот обвинител и на техничкиот советник на барање на обвинетите. Според вештачењето на тројцата вештаци од Институтот за судска медицина влошувањето на состојбата на Веапоска дошло поради погрешни постапки од здравствените работници, додека вештачењето на техничкиот советник професор доктор Драге Дабески покажува дека обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку со дејствувањето и бил спасен животот.
За адвокатот на оштетената Сашо Јанев постои само едно вештачење, а тоа е вештачењето на Судска медицина.
-Јас сум убеден дека ова вештачење ќе опстои бидејќи нема друга вистина. Но судот нема избор кога постојат две спротивставени вештачења, иако според мене нема спротивставеност тука. Судско медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет е составен од 19 лекари од различни профили. Верувам дека тие луѓе солидно и квалитетно ќе си ја извршат својата работа и не се сомневам во квалитетот на супер вештачењето. Јас сум убеден, ја знам вистината. Вистината е дека мојот клиент е оштетен поради дејствија на лекарите, а тоа има да се затвори со една квалитетна законита пресуда, изјави Јанев.
Адвокатот на трето обвинетата, Александар Новаковски истакна дека двете вештачења не се усогласија во однос на настанување на последиците кои ги има оштетената, односно се со спротивставени мислења за начинот на кој е водена целата нега.
-Со оглед дека вештаците предложени од Обвинителството и вештакот од одбраната кои ги дадоа своите извештаи и искази не успеаа да се усогласат, судијата донесе наредба да се изврши супер вештачење. Кога ќе се добие тоа супер вештачење ќе привршуваме со предметот, истакна Новаковски.