СЗО: Децата да не се вакцинираат сега, побогатите да им дадат вакцини на посиромашните земји

Светската здравствена организација смета дека децата не треба да се вакцинираат против ковид-19 сè додека не се вакцинираат постарите лица и ризичните групи во сите земји, бидејќи имаат многу помал ризик од зараза

Ова предупредување од Кејт О’Брајан, директор на одделот за имунизација и вакцинација на СЗО, доаѓа откако Канада во средата ги одобри вакцините на Фајзер/Бионтек за адолесценти од 12-годишна возраст па нагоре, со што стана првата земја што го стори тоа.

Следната недела се очекува истото да го направат и САД, а Германија најави дека до крајот на август ќе им понуди вакцина на сите над 12 години.

Проширувањето на кампањата за вакцинација на адолесцентите во побогатите земји може да ја зголеми нееднаквоста во дистрибуцијата на вакцините, нешто што СЗО постојано го критикува.

– Откако вакцините ќе бидат дистрибуирани на соодветен и правичен начин – така што секоја земја ќе добие доволно вакцини за приоритетните групи, ние силно ќе го поздравиме давањето вакцини на помладите генерации, рече О’Брајан

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус вчера пак, ги повика богатите земји-членки на Г7 да дадат апсолутен приоритет на еднаквиот пристап до вакцините, нагласувајќи дека сегашната состојба е „неприфатлива“.

Според него, повеќе од 80 проценти од дозите на вакцини биле дадени во побогатите земји, додека најсиромашните примале само 0,3 проценти, што за СЗО не неприфатливо.

 

Претходна вестДве лица во Скопје пронајдени мртви во својот дом – обдукцијата ќе покаже од што починале
Следна вестОстана ли ист бројот на скапо платените владини хонорарци?