Иран не побарал ниту примирје ниту нови преговори со Соединетите Американски Држави, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, коментирајќи ги актуелните тензии во регионот.
Според него, во последниот период немало директни контакти меѓу иранската страна и американските претставници, ниту пак Техеран испратил барање за почеток на нови разговори со Вашингтон. Арагчи нагласи дека посредници во меѓувреме одржуваат консултации со иранските власти, но преговори би можеле да се одржат само доколку престанат заканите и притисоците кон Иран.
Иранскиот министер исто така посочи дека односите меѓу двете земји се дополнително влошени поради, како што тврди, американските и израелските напади врз ирански цели. Според него, ваквите активности го дестабилизираат регионот и ја намалуваат можноста за дипломатско решение.
Тој предупреди дека евентуална американска воена акција против Иран би можела да доведе до поширока ескалација во регионот, бидејќи Техеран би возвратил со напади врз американските бази и интереси на Блискиот Исток.
Изјавите доаѓаат во период на зголемени геополитички тензии и засилено воено присуство на САД во регионот на Персискиот Залив.





