Тупанчевски: Ќе има одговорност за внесување на ножеви, дрога, телефони…во затворот во Идризово

Ќе има одговорност, па и кривична, за пронајдените ножеви, дрога, телефони, пари полицискиот претрес во затворот Идризово, најави денеска министерот за правда Никола Тупанчевски. На прес-конференцијата тој рече дека никој нема да биде поштеден а конечниот збор ќе го даде Обвинителството.

– Се работи за количина на мобилни телефони, ладно оружје итн. Само по себе пред се тоа подразбира одговорност, не станува збор за некаква дисциплинска повреда и не се работи за некоја лесна форма на криминалитет, самото по себе тоа подразбира дека одговорност треба да има. Меѓутоа, сепак да го оставиме тоа да го завршат институциите коишто се надлежни, истакна Тупанчевски.

Тој предупреди дека казните нема да бидат дисциплински, туку кривични. На новинарско инсистирање, тој одговори дека и именувано лице-директорот на затворот може кривично да одговара за злоупотреба на службената положба и овластувањата, за несовесно работење во службата и за поткуп.

-Некој дозволил, ги пренел ладното оружје, дрогата, телефоните и другите забранети предмети во затворот, Одговорност ќе има по градација, но да ја оставиме истрагата да ги обработи доказите, кажа тој.

При претресите биле пронајдени поголема сума на парични средства од законски дозволените кои осудените лица можат да ги поседуваат во различни валути и апоени, 50-тина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножеви и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста, течна состојба и таблетки и други предмети.

Тој рече дека и претставници од Комитетот за заштита од тортура и нечовечко постапување, од Советот на Европа побарале интервенција во делот на затворскиот менаџмент.

-Според нив, има лица кои се именувани во раководството на Идризово, а не ги исполнуваат условите за тоа, кажа Тупанчевски.

Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкции, пак, рече дека не се правел селективен претрес, туку се влегувало во оние ќелии за кои обвинителот издал наредба. Тој додаде дека ќе се бараат оставки, ако се утврди одговорност за внесувањето на мобилни телефони, пари, дрога во ќелиите.

– Ако се утврди одговорност, било чија одговорност ќе се бараат оставки. Уште постојат индиции дека има мобилни телефони, ние редовно вршиме претреси. Направен е неселективен претрес, но не може во една акција да бидат опфатени сите ќелии. Претресот беше наменет за осудените лица, а не кај затворските чувари. Лицата кај кои се правеше претрес се осудени за секаков вид на кривични дела и не се работи само за едно кривично дело, изјави Спасовски.

Претходна вестЛевица: Деградација и бришење на Агенцијата за млади и спорт е нејзиното ставање под Министерството за односи помеѓу заедниците
Следна вестССМ ги повикува пратениците да го изгласаат амандманот за платите во јавниот сектор