Полициски службеници од СВР Велес синоќа пресретнале автобус што превезувал ученици од екскурзија, откако возилото неколкупати се расипало за време на патувањето.
Случајот бил пријавен од родител на малолетен ученик кој се наоѓал во автобусот, а според пријавата, патувањето било небезбедно поради честите дефекти на возилото.
Полициските екипи реагирале веднаш и околу 22:50 часот на наплатната станица „Отовица“ на автопатот Велес – Скопје го запреле автобусот „Сетра“ со скопски регистарски таблички, управуван од 43-годишен возач од Скопје.
Со цел да се избегне можен инцидент, автобусот бил повлечен од сообраќај и испратен на вонреден технички преглед, каде дополнително ќе се проверува неговата исправност.
Учениците биле безбедно префрлени во друго возило и го продолжиле патувањето кон Скопје без дополнителни проблеми.
Од СВР Велес најавуваат дека по завршување на проверките и расчистување на случајот ќе бидат преземени соодветни законски мерки против одговорните лица.




