Од денеска и основците во Македонија заминуваат на распуст. Тој минатата недела започна за средношколците. Следува време кога учениците треба да се одморат од она со што се соочувале во текот на учебната година.
А покрај учење им се случуваа и многубројни дојави за подметнати бомби по училиштата поради што се прекинуваше наставата, се губеа стотици и стотици часови и со што се наруши наставниот и воспитниот процес, завладее страв и несигурност. Кога пак, наставата се одржуваше имаше проблеми. Немаше учебници за сите ученици: за ученици од стручното образование тој недостиг е повеќегодишен, но недостигаа и за други училишта – немапе учебници по англиски, по македонски јазик… Поради ова и наставниците и учениците мораа да се снаоѓаат и да учат од скрипти, фотокопии, преку диктати. Еден учебник, тој по Македонски јазик за петто одделение го добија дури десетина дена пред крајот на учебната година!?
И не само ова, се случуваа со грешки во учебниците кои им беа одобрени за учење. Па така, во учебникот по Историја и општество за петто одделение можеа да „научат“ дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29. 035 метри иако точната височина му е 8 848 метри, дека Македонија на исток се граничи Албанија, а на запад со Бугарија… и бројни други грешки!? По неколку месеци чекање и употреба во наставата овој учебник беше повлечен и сега ќе се прави нов. Учебник по Македонски јазик за трето одделение, пак, нема кој да го напише – на објавените конкурси не се јавува никој од потенцијалните автори и наставата се импровизира… Сега стравот е дали до септември годинава ќе се обезбедат сите учебници за трето и шестто одделние бидејќи во тие години ќе почне примената на новата концепција за основното образование.
А круна на сите проблеми коишто му се случуваа на образованието беше скандалозното полагање на матурскиот испит по англиски јазик кога се откри дека тестот е споделен на вибер-група со околу седум илјади ученици. Надлежните коишто требале да се погрижат вакво нешто да не се случи, и почнаа да се обвинуваат меѓусебно за тоа кој бил одговорен.
Затоа летово е добро децата да се одморат и подзаборават каква лоша учебна година имаа.
Од друга страна – одмор не смее да има за Министерството за образование, Бирото за образование, Државен испитен центар, сите комисии задолжени за издавање на учебниците… За нив нема распуст.
Проблеми во образованието има премногу и веќе не смеат да се повторат. Сите најнадлежни за состојбите во образованието треба да бидат летово на работа и навистина да работат. Мора да има подобра подготовка на претстојната учебна година. Набрзина воведенате реформа на основното образование создаде многу проблеми и тие треба да им се олеснат на учениците. Проблемите излегоа на површина и до септември мора да бидат решени.





