Учениците утре се враќаат на настава, до крајот на учебната година ќе имаат и пролетен распуст

Основците и средношколците утре ќе се вратат во училиштата за да ја продолжат наставата од второто полугодие на 2023/2024 година. До крајот на учебната година ќе имаат уште еден, пролетен одмор, од 29 април до 6 мај 2024, што е за првпат оваа учебна година.

Ново е и што учениците во основните училишта ќе учат до 17 јуни, за да се исполни утврдениот број работни денови (180) согласно календарот за организација на наставата. За средношколците учебната година ќе заврши на 10-ти наместо на 17 јуни, бидејчи МОН ја смени првичната одлука на барање на Средношколскиот сојуз заради подготовките за запишување во високото образование.

Покрај пролетниот распуст за сите ученици и продолжената учебна година за основците, новина во второто полугодие ќе биде и постепената примена на нов електронски дневник (Е-дневник). Како пилот-проект ќе се воведе во 40 основни и средни училишта во неколку општини во државава за да се отстранат евентуалните слабости пред да се употребува во сите училишта.

Европската комисија во последниот извештај за напредокот на државава, објавен во ноември 2023, исто како и во извештајот од 2022 година, во областа образование нотираше дека се одложува донесувањето клучни закони во образованието.

Претходна вестЕден загинат и тројца повредени во сообраќајка на автопатот Куманово-Табановце
Следна вестУЈП со демант до ВМРО-ДПМНЕ: Управата нема направено поврат на ДДВ на споменатите фирми