Темно Режим Светло Режим

Уставен суд: Седницата за законот за јазиците одложена

Уставен ја одложи подготвителната седница за законот за употреба на јазиците, откако Управниот суд по две години донесе одлука да го поништи изборот на судијката известител во предметот Елизабета Дуковска.

Ниту во јуни нема да има подготвителна седница на Уставниот суд за Законот за јазиците – откако првично таа беше презакажана поради трагедијата во Кочани, сега е одложена на неодредено, откако Управниот суд го поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска, која е судија-известител за овој предмет.

Одлуката ја донеле уставните судии на работниот состанок денеска, меѓудругото и поради тоа што Судот има заклучок за Законот за јазици да се постапува само во полн состав од 9 члена. Околу останатите одлуки во чие носење учествувала Дуковска, од Уставен велат дека се конечни и извршни и нема по службена должност да ги преиспитуваат.

-Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд. Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности, рекоа од Уставен суд.

Управен го поништи изборот на Дуковска, постапувајќи по тужба од Антоанета Димовска, сега членка на Судскиот совет, која во 2023 беше меѓу трите кандидатки за уставен судија, што треба да биде избран од редот на судиите. Но, откако Дуковска добила над 8 гласа, гласањето не продолжило за двајцата преостанати кандидати, што Управен го смета противзаконско..

-Судот наоѓа дека со ваквиот начин на гласање на членовите на Советот, односно со не гласање по останатите два предлози оневозможена е еднаква примена на правилата на постапката за сите кандидати, со оглед дека само еден кандидат добил можност за реална поддршка преку гласање, а на другите два кандидати им е ускратена можност да имаат ист третман и еднакви можности при изборот иако претходно сите три кандидати биле поддржани од членовите на Советот, додадоа од таму.

Претходниот Пост

Метју Лосон: Половина од нашите инвестиции во целиот Западен Балкан се во Македонија

Следниот Пост

Во функција се ставаат електронски алки за издржување куќен затвор