На професорката Билјана Ванковска и фалат помалку од 1000 потписи за и официјално да почне нејзиното учество во трката за претседател на Македонија. Но, и без тоа Ванковска пред малку, преку Фејсбук, укажува дека „Левица“ и таа се исправени пред фронтална хајка, спинување…
Во продолжение ви ја пренесуваме целата нејзина реакција:
-Хајката против „Левица“ не е нова. Досега беше перфидна и најчесто манифестирана преку бојкот од медиумите и спинување. Сега, како што се наближуваат изборите, станува фронтална. Јас одамна реков дека битката ќе биде против неколку Голијати (на внатрешните тројански коњи не сметав до скоро). Но, сеедно…
Секој напад плус, колку понизок и беден, толку повеќе страв во нивните редови. Страв дека некој ќе ја каже вистината во дебатите и кампањата. Некој ќе викне дека кралот е гол. Дека си страдаме од домашни сијамски близнаци и странски прислужници.
Невидливата спрега на политичката моќ на божемните политички опоненти (а исклесани од ист штоф), помогната со медиуми, НВО активисти, интелектуалци, дипломати, аналитичари, па дури и политички маргиналци, а за странски центри на моќ и да не зборувам, се засилува од час до час.
Тоа ми е доволен доказ дека стојам на вистинската страна на оваа валкана битка. Со народот, за народот и од народот, а не со машинерии гладни за власт и фотељи.
Одиме во престапниот ден во престапната година да им згазиме на жуљ на сите исплашени од баукот на левицата кој кружи над Македонија!, напиша Ванковска.