Велигденско послание на МПЦ-ОА: Да не очајуваме, зашто Христос го победи секое страдање и ја донесе радоста

Воскресението Христово е темелот на нашата вера, на нашето служење на Бога, тоа е содржина на христијанскиот карактер, па дури и на културата на секој народ кој со името Христово се именува. Оттаму, нашиот живот, како православни христијани, треба да се напојува и да се храни од верата во Воскресението, се порачува во традиционалното Велигденското послание на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Во традиционалното празнично обраќање кое го испраќа поглаварот архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со сите македонски владици до верниците се потенцира дека празнувањето не треба да биде заради празнување.

-Таквото секојдневно доживување на тој неповторлив настан не треба да биде само негово едноставно спомнување, како празнување заради празнување, туку треба да биде преживување и сведочење, да биде учество во сеспасителната победа на Животот над смртта, да биде наше постојано духовно обновување. Зашто, во Христа, нашиот живот треба да се преобразува, да се поправа, чекорејќи по патот кон обожувањето. Овој процес треба да го доживуваме и како наше сопствено воскресение, како лична Пасха и како Пасха на идниот век, за која Христос, откако ја изврши Тајната вечера, рече: „Нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов со вас во царството на Мојот Отец“. И само така нашето празнување ќе има вистинска смисла: кога како христијани ќе се трудиме преку личниот подвиг да преминеме од Пасхата на Божјата благодат, а тоа е Воскресението Христово, во вечната Пасха – Царството небесно, се наведува во Посланието.

Архиепископот Стефан потсетува дека Велигден, денот на Христовото воскресение, е празник на животот и настан што ја промени историјата на светот.

-Но, дали ние постојано и секогаш тоа го чувствуваме? Дали нашето срце Му е блиско на Бога, дали е чисто за да Го види Бога? Дали сме познале дека љубовта е суштината на животот во Христа, не само овде, во сегашноста, туку и во вечноста, според пораката на Спасителот дека Тој е во секој наш ближен: Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле. Затоа треба да живееме со покајанието и со молитвата, и низ светотаинскиот живот во Црквата, зашто „со Христа се раѓаме, со Него се распнуваме, со Него се погребуваме и со Него треба да совоскреснеме“, поучува свети Григориј Богослов, наведува поглаварот на МПЦ.

Тој додава дека христијанскиот живот е борба за доброто и спасоносното, за правдата и за вистината, а против сите зла, и во себе и кај другите.

-Но, да не очајуваме, зашто Христос го победи секое страдање и ја донесе радоста, осветлувајќи ја вселената. Нашата вера нè учи дека на страдањето треба да му пристапуваме крстовоскресно, доживувајќи го преку Воскресението, сведочејќи дека ништо не може да нè оддели од љубовта Божја. Неправди имало и ќе има, но христијански е да не отстапуваме пред нив и уште поревносно да Му се молиме на Оној, Кој може да изврши изобилно сè што бараме или помислиме, и да се надеваме на Оној, Кој ги воскреснува мртвите и Кој направи засекогаш да се веселат небесните и да се радуваат земните. Просветлени со невечерната светлина, „да застанеме добро, да застанеме со страв, да внимаваме“, водејќи одлучна борба против сите неправди и страдања. Да Му бидеме благодарни за сè на Бога ‒ постраданиот и воскреснатиот, покорувајќи се на Неговата волја и молејќи Го да нè упати кон секое добро дело, да нè просветли со разумот на знаењето, да нè утврди непоколебливо во верата и да нè подготви за достојни исполнители на Евангелието на љубовта. Честитајќи ви го Празникот над празниците, на сите чеда на Мајката Македонска Црква, во Татковината и насекаде по светот − ве поздравуваме со најрадосниот поздрав: ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!, се наведува во Посланието.

Претходна вестГ.г. Стефан: Со чудни реформи во образованието се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет
Следна вестЛетни температури за празничниот викенд