Високи скали, а ниска оценка Мицкоски му пиша на Шилегов, ќе има ли дополнителен испит?

Препукувањето меѓу лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник Петре Шилегов околу набавката на противпожарна автомеханичка скала не запира. Откако Мицкоски прв обвини дека цената на скалата од 1,7 милион евра е превисока и дека во зделката е вкучен зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов. Одговорот на Шилегов стигна набрзо…

И така, синоќа пак следеше продолжение на пресметката и Мицкоски на Фејсбук објави дека Шилегов со своето правдање „паднал на испитот“.

-Навистина, не ја разбирам потребата на градоначалникот да ми се обраќа во второ лице еднина, лично не се сеќавам дека сме толку блиски, иако прилично добро му го знаеме неработењето и таа заразна мрзливост на скопските градоначалници да не се работи за својот град. Второ, го претпоставив одговорот, сигурно скалата имала “дополнителна опрема” што вреди повеќе од двојно од таа во Загреб. Господине Петре Шилегов, јас како доктор по технички науки и професор на МФС не би Ви пишал позитивна оценка за овој испит (транспортни машини и уреди), затоа што или книга не сте фатиле или ептен рацете Ви се во медот. Како човек ќе Ви порачам, држете се до занаетот како адвокат, ќе Ви треба од ноември па натаму да го докажете пред друга институција ова што невешто го пишувате, напиша Мицкоски.

Тој изрази и чудење за цената на дополнителната опрема која ја наведе Шилегов.

-Чудно како дополнителната опрема чини отприлика колку што е делот за фирмата во која косопственик е зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов, секретарот на град Скопје. За спомениците и останатите Ваши тврдења имавте точно 4 години, но Вие се уортачивте, тргнавте заедно на мене и ВМРО-ДПМНЕ. Не успеавте, е сега доаѓа редот кога ќе гледате и учите како се справува со криминалците, но Вие како адвокат треба да знаете што значи презумпција на невиност, ако не сте виновен, нема зошто да се грижите, обајви Мицкоски.

Претходно, Шилегов објасни дека Мицкоски манипулирал со цената на возилото.

-Манипулативно, кога зборуваш за цената, за цената на загребската скала кажуваш цена без ддв, а за скопската со ддв. Така ти изгледа поспектакуларно, нели ? Тогаш, скопската не е 1.7 милиони евра, туку 1.4, напиша Шилегов.

Тој го наведе и списокот на дополнителната опрема која ја има возилото како, на пример,  компјутерска стабилизација на корпа, РЦ 400 корпа за 4 луѓе плус, монтажа на корпа носилка за повредени, електромагнетна стабилност, агрегат за струја за работа на скалата без погон на возилото…

-Загреб во изминативе 30 години набави 5 вакви возила. Ова им е шесто. Скопје ниедно. Ова е прво. 27 години владеевте во Скопје. Ниту едно возило, објави на својот ФБ профил Шилегов.

Ќе има ли уште оценување од професорот и уште одговори од испитаникот, ќе видиме денеска. Мицковска најави дека ќе трае опсервацијата на работата на Шилегов.

Претходна вестЌе биде ли намален полицискиот час, да трае од 23 до 5 часот?
Следна вестЗа 40 проценти помал број на новозаразени од вирусот, а на починати за 21 процент