Владата нема да се спогодува со деветмина поранешни функционери кои тужат во Стразбур

Владата нема да се спогодува со деветмина обвинети поранешни функционери во предметите на Специјално јавно обвинителство, а кои поднеле тужба против Македонија пред меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Станува збор за тужби кои ги поднеле Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и други поранешни високи функционери, а кои се повикуваат на амнестијата на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.

Бојан Маричиќ, министер за правда, на денешната конференција за печат, информира дека Владата на денешната седница ја разгледала информацијата за спогодбено решавање и донела одлука дека нема да ја искористи можноста за спогодба.

-Помилувањата беа дадени спротивно на домашното право и беа причина за револт и големи граѓански протести. Нивното поништување подоцна, повторно ја наруши правната рамнотежа. Владата ќе ги брани своите позиции во Стразбур. Владата не ја загрозува пресупмпцијата на невиност на обвинетите. Сакаме низ судска постапка да се расчистат обвиненијата за криминал, организиран криминал и корупција, рече Маричиќ.

Тој на новинарското прашање колкав е финансискиот ризик за земјата доколку не се спогоди одговори дека е потребно поинаку да се постави прашањето.

-Јас би го свртел прашањето – колку ќе изгуби државата доколку не влезе во овој спор и не се обиде со правни аргументи за кои сме убедени дека се на наша страна, не успееме да го одбраниме овој наш став, изјави Маричиќ.

До судот за човекови права во Стразбур биле поднесени две групи со вкупно девет апликации на тужители против државата.

Претходна вестЧетири лица дошле да наплатат долг од двајца скопјани, завршиле во болница
Следна вестНема прослави на Нова година во викендички, на плоштади и во хотели