Како се ближи пролетта и претседателските, но и парламентарните избори, така се загрева предизборната кампања на македонската политичка сцена. Најпрво, Се очекува претседателските избори да се одржат на 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг) 2024 година заедно со парламентарните. За претседателските избори, опозициската ВМРО – ДПМНЕ одлучи да бара кандидат по пат на јавен повик кој го пренесуваме во целост:
ВМРО-ДПМНЕ врз основа на членовите 38, 40, 41 и 42 од Статутот на партијата, како и заклучоците донесени на седницата на Извршниот Комитет од 05.12.2023 година распиша јавен повик за кандидат за претседател на Република Македонија кој ќе биде поддржан од партијата на претстојните претседателски избори.
Според наведеното во повикот, кандидатот кој ќе биде претходно пријавен и ќе ги исполни пропишаните услови ќе биде одбран на Конвенција која ќе се одржи на 2 март во Скопје.
„Заинтересираните кандидати за учество на Конвенцијата треба да ги исполнуваат уставно предвидените обврски и услови содржани во членот 80 за кандидирање за кандидат за претседател на државата и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Сите оние поединци, кои сметаат дека се потенцијален кандидат треба да добијат поддршка од најмалку 30 делегати кои се претходно изгласани од Централниот Комитет на партијата и објавени на веб страната на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатите треба да поднесат програма и план за работа кои ќе бидат разгледани од страна на работните тела на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, и тоа најдоцна до 21.02.2024 година до 17:00 часот“ се вели во повикот на партијата.
Македонија заслужува да има претседател кој активно ќе ги штити државните и национални интереси на сите граѓани и ќе ја претставува достоинствено државата пред Европа и светот – велат од ВМРО-ДПМНЕ.