Освен во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, во ниту едно друго училиште во општина Карпош не се пронајдени патогени бактерии, соопштија вечерва од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од институцијата информираат дека на 27 ноември, Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со службени лица од ИЈЗ, спровела вонредна контрола во девет основни училишта во рамките на општината. Од секое училиште биле земени мостри од храна, како и брисеви од работните површини во кујните.
Според резултатите од анализите, во испитуваните примероци не биле откриени патогени бактерии, освен во едно училиште каде на две површини е утврдено присуство на ентеробактерии, што укажува на недоволна хигиена. Информациите поврзани со резултатите од ОУ „Димо Хаџи Димов“ веќе се доставени до надлежните служби.
Од ИЈЗ најавуваат дека ќе поднесат иницијатива за измени во Националната годишна програма за јавно здравје, како и во одредени правилници, законски и подзаконски акти, со цел унапредување на хигиената во училиштата и градинките, како и обезбедување побезбедна храна и вода. Овие мерки, како што наведуваат, ќе придонесат за подобрување на условите поврзани со јавното здравје.





