Возач кој имал дури 2,65 промили на алкохол во крвта бил откриен во текот на вчерашните полициски контроли на скопското подрачје. Ова е за петпати поголема концентрација на алкохол од максималното дозволените 0,5 промили. Во денешната информација на МВР не е наведено на која сообраќајница е откриен прекршокот ниту пак се наведени други детали за пијаниот возач. Освен овој случај, имало уште два други со пијани возачи.
Пред месец дена, на 8 декември минатата година, со дури 2,36 промили алкохол во крвта би откриен еден возач при контролите во скопската населба Драчево. Тогаш бил откриен и друг возач кој имал 2,10 промили алкохол.
-Само на територијата на град Скопје во изминатово деноноќие изречени се вкупно 213 мерки, од кои 13 за управување со брзина поголема од дозволената, 32 мерки за возење без возачка дозвола, 22 за нерегистрирани и технички неисправни возила, 12 за користење на мобилен телефон и 4 мерки за поминување на затворен семафор (црвено светло). Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот, информираат од МВР.