Почна второто полугодие. Платформата „Мајкрософт тимс“ и денеска беше главно средство преку кое се одржуваше онлајн наставата за учениците. Впрочем, така беше речиси во текот на целото прво полугодие и благодарение на нејзе наставата се одржуваше успешно. За разлика од неа Националната платформа за онлајн-настава, која во септември минатата година беше звучно најавувана дека ќе функционира беспрекорно, остана неефикасна и практично не се користи.
-Часовите и денеска ги имавме преку „Тимс“ како и досега. Веќе се уходавме со тоа. А Националната платформа ретко, ретко се користи. Во првото полугодие во школото на неколку пати се обидовме да ја користиме, но таа редовно паѓаше и не можеше да се држи наставата преку неа. Единствено нешто за што ја користевме беше кога правевме тестови, ни рече скопска средношколка.
Четири месеци по почетокот на учебната година време е да се постави прашањето: Што се случува со Националната платформа за онлајн –наставата? Дали таа конечно ќе стане функционална како што се најавуваше или ќе се дигнат раце од неа? На нејзината промоција пред почетокот на учебната година премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска се пофалија дека е готова и дека ќе ја користат над 250.000 ученици и 25.000 наставници во јавните основни и средни училишта.
-Горди сме што за прв пат создадовме единствена Национална платформа за онлајн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова нѐ охрабрува, но и ни дава дополнителен поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава, истакнаа тогаш Заев и Царовска.
Но, еве платформата не се користи. Наставата продолжи благодарение на платформата „Тимс“ а нашите експерти и министерката Царовска убедуваа дека сето тоа е дел од проблемите во тест-период и дека наскоро се ќе се среди. Експертите изјавија дека ќе вршат промени, ќе видат каде згрешиле за да ја подобрат платфората и таа да заземе вистинско место во образовниот процес.
По толку месеци ништо не е подобрено? Дали ова значи дека на овој проект веќе и не се работи? Ако е така, тоа ќе значи дека надлежните се откажале од проектот, а тој ќе значеше дека имаме сопствена платформа за далечинско учење и со која немаше да зависиме од ниту една друга странска платформа.