Заев ги соопшти кандидатите за министри, Владата ќе има 7 министерски места помалку

Како што и се очекуваше, Централниот одбор на СДСМ се согласи со склучената коалиција со ДУИ за формирање владино мнозинство. Ова партиско тело ги потврди и кадрите на СДСМ кои ќе бидат предложени за нови министри и потпретседатели на Владата.

-СДСМ го номинира потпретседателот на Влада за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси, Љупче Николовски. Потпретседател на Влада за европски политики е Никола Димитров. Потпретседател на Влада за економски политики е Фатмир Бетиќи. Министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски. Министер за одбрана – Радмила Шеќеринска. Министер за здравство – Венко Филипче. Министер за образование – Мила Царовска. Министер за транспорт и врски – Благојче Бочварски. Министер за култура – Ирена Стефоска. Министер за правда – Бојан Маричиќ. Министер за труд и социјална политика – Јагода Шахпаска. Ресорот земјоделие е даден на коалициониот партнер Беса и министерот за локална самоуправа на ЛДП, истакна Заев.

Во новата влада ќе има седум министри помалку.

-Владата ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26 министри и премиер. Бројот на ресорите е намален за седум министри. Продолжуваат инвестициите во јавното здравство, во опрема и човечки капитал. Кадровските решенија се усогласени и поддржани едногласно од сите. Важно е дека сите овие луѓе продолжуваат да бидат дел од тимот на СДСМ. Рената Десковска откако стана пратеник во 2014 година е излезена од професијата, професор на правниот факултет и има желба да се врати. Но секако ќе помага, има драгоцено искуство, ќе помага во новата извршна власт. Дамјан Манчевски сигурно ќе помага во некоја друга институција, нема да биде министер во Владата. Исто така и другите министри како Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Горан Сугаревски и други. Сметаме на нивните капацитети, објасни Заев.

Тој додаде дека се усогласуваат и изборните платформи во заедничка четиригодишна програма, чиј главен фокус ќе биде ставен на јакнење на економијата, односно поголеми плати и пензии.

Претходна вестАхмети ги соопшти имињата на кандидатите за министри од ДУИ
Следна вестДел од родителите и наставниците не се среќни со онлајн настава