Воената офанзива на Украина е „тешка“, но „напредува“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски. Во меѓувреме додека трае офанзивата украинските власти соопштија дека е нападнат родниот гради на Зеленски, Криви Рог.
– Битките се тешки, но напредуваме и тоа е многу важно, рече украинскиот претседател во своето обраќање. – Непријателските загуби се токму на нивото што ни треба. Времето не ни оди во прилог, дождот ни ја отежнува задачата, но силата на нашите војници дава добри резултати, истакна Зеленски.
Претходно во текот на вчерашниот ден, украинската влада соопшти дека од овој викенд презела седум села на југот и на истокот на земјата.
Вчера попладне, украинската армија исто така информира дека напредувала во регионот Бахмут. „Украинските војници напредуваа од 250 до 700 метри во правец на Бахмут“, соопшти Министерството за одбрана.
Москва, од своја страна, тврди дека ги одбила украинските напади во областа Доњецк, во близина на Велика Новосилка, како и во близина на селото Левадна, во близина на Запорожје.
Додека трае украинската офанзива Русите го нападнаа родниот град на зеленски Криви Рог. Најмалку три лица загинаа, а 25 се повредени во руските ракетни напади во текот на ноќта врз украинскиот град Криви Рог, во кои уништија петкатна станбена зграда, изјави во вторникот гувернерот на украинската област Днепропетровск, Сергеј Лисак.
Во раните утрински часови ширум Украина се огласија сирени за воздушен напад, а воените претставници на Киев соопштија дека силите за воздушна одбрана ги уништиле сите руски ракети насочени кон главниот град на Украина.
Засега нема коментар од Русија за пријавените напади, но и Русија и Украина негираат дека целеле цивили во војната.





