Општинското јавно претпријатие Паркинзи општина Центар нема да ја намали цената на паркирањето на подрачјето на централната скопска општина. Од ова претпријатие за медиумите изјавија дека политиката за намалување на цените за паркирање е погрешна.
-Тоа ќе доведе до зголемување на бројот на возила во централното градско подрачје, а со тоа ќе се намали просторот за паркирање, кој и без возилата од другите општини не е доволен за потребите на жителите на Центар, изјавија од ПОЦ.
Од почетокот на месецов Јавното градско претпријатие „Градски паркинг“ донесе одлука со која е намалена цената на паркирањето на локациите со кои тие стопанисуваат. Тоа беше и предизборно ветување на новата скопска градоначалничка Данела Арсовска. Цената на паркирање во зона А0 е намалена од 100 денари за час на 75 денари, во зона А од 50 на 40 денари, додека во зона Б наместо 40 се плаќаат 30 денари на час, а во зоните Ц и Д паркирањето е поевтино од 30 на 25 денари за час.




