Во попладневните часови треба да започне нова рунда на руско-украинските мировни преговори во ситуација во која се водат силни воени дејствија во повеќе региони осмиот ден од рускиот воен упад во Украина. Локацијата на преговорите се појави како еден од главните проблеми за нивното одржување, откако првично беше најавено дека тие ќе се одржат во Националниот парк Белавешкаја Пушча на белоруско-полската граница. Шефот на руската делегација Владимир Медински, изјави дека тие се подготвени, но сѐ уште ја чекаат украинската делегација.
-Преговорите ќе се одржат на територијата на регионот Брест во Белорусија. Ја чекаме украинската делегација која се собира во Полска а потоа доаѓа тука, рече Медински.
Според изјавите, веќе сега е познато со какви ставови ќе се појават двете делегации. Минимална цел на украинските преговарачи е воспоставување хуманитарни коридори, односно рути за бегство на цивили од областите каде што се водат борбите. Ова го соопшти украинскиот преговарач Давид Арахами.
– Минимална цел – хуманитарни коридори. Понатаму, според околностите, напиша накратко Арахами на Фејсбук.
Во меѓувреме, додека се очекува вториот круг од преговорите борбите ширум Украина продолжуваат. Утрово Херсон стана првиот поголем град кој падна во рацете на руската армија, додека западно од него продолжуваат руските напори да го освојат и Мариупол кој го имаат опсадено. Во Киев ноќеска и изутринава имаше неколку експлозии, а се слушаат и сирени, јави агенцијата Униан.
Рускиот претседател Владимир Путин, денеска, еден и пол час разговараше со својот француски колега Емануел Макрон. Според Кремљ, Путин му рекол на францускиот претседател дека целите на воената операција во секој случај ќе бидат исполнети.
Руската Федерација е подготвена да соработува со странските партнери во решавањето на хуманитарните проблеми. Путин ги претставил руските услови на Макрон во контекст на преговорите со претставниците на Киев. Како што се наведува, пред сѐ, се бара демилитаризација и неутрален статус на Украина – за никогаш од нејзината територија да не дојде закана за Русија.
Синоќа Москва за прв пат објави податоци за загуби на руските сили во Украина, соопштувајќи дека од почетокот на инвазијата до сега загинале 498 војници, а ранети биле 1.597 лица.