Најмалку 4.890 смртни случаи досега се потврдени во Турција и Сирија по силниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го потресе регионот вчера рано наутро.
-Бројот на загинати во Турција се искачи на најмалку 3.381 денеска до 9:45 часот по локално време, изјави на телевизиски брифинг Орхан Татар, официјален претставник на Агенцијата за управување со катастрофи во земјата.
Според Татар, биле пријавени и најмалку 20.426 повредени.
-Спасувачките екипи и роднините до доцна ноќеска со огромни напори се обидуваа да стигнат до затрупаните. На повредените и болните жртви во земјотресот им се дава првично медицинска помош во шатори, а потоа се преместувани во болници, напиша на Твитер турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.
Турскиот вицепретседател Фуат Октај доцна вечерта во понеделникот соопшти дека од урнатините веќе се извадени 7840 луѓе, но има уште живи по кои се трага. Во Адијаман е спасено 12-годишно момче 21 час откако било затрупано, јавува државната новинска агенција Анадолу. И во Дијарбакир и Санлиурфа се извлечени живи луѓе од под срушени објекти еден ден по силниот земјотрес и на температури под нулата.
-Досега е објавено дека во Турција се оштетени 11.000 згради, рече тој.
Спасувачите користат најмалку 10 бродови и 54 авиони за транспорт на ранетите и помош во операциите за пребарување, посочи тој.
-Во Сирија, бројот на загинати се искачи на 1.509 во областите под контрола на владата и опозицијата, соопштија официјални лица.
Во областите погодени од природната катастрофа во Турција владеат температури под нулата. Многу луѓе не можат да се засолнат во куќите, зашто се урнати или оштетени, а враќањето во нив во услови на постојани дополнителни потреси на тлото е ризично. Очекувана снежна бура во погодените области може дополнително да ја влоши и онака тешката ситуација. Голем дел од сообраќајниците не се проодни. Турција од НАТО партнерите побара неколку монтажни болници за екстремни временски услови и персонал за нивно опремување.
Во Сирија, според синоќешна информација (06.02.2023) на Министерството за здравство и спасувачката организација „Бели шлемови“ смртно настраделе најмалку 1500 лица.



