Повик до Македонците во областа Гора, Република Косово, на пописот на населението, што почна денеска, да се изјаснат дека се Македонци и да го зачуваат својот македонски идентитет упати денеска Македонско друштво „Илинден“-Тирана.
– Ги повикуваме Македонците во областа Гора и цела Република Косово, на пописот на населението и домаќинствата, што почна денеска и ќе трае до 17 мај годинава, да се попишат она што од секогаш биле – Македонци, со мајчин македонски јазик, стои во повикот.
Се додава дека жителите во областа Гора, не се ништо друго, освен етнички Македонци, дека се неотуѓив, нераскинлив и неотстапен дел од македонскиот народ.
-Ги осудуваме напорите на бугарските власти за притисоците врз Македонците на Косово, да се попишат како етнички Бугари. Исто така потсетуваме дека етнички Бошњаци и Бугари во областа Гора никогаш во неговата историја немало, нема, ниту ќе има, како што ги нема ниту во Република Албанија, наведува друштвото, во повикот потпишан од претседателот Никола Ѓурѓај.