Најмалку 12 лица загинаа, а 29 се повредени во вооружен напад на плажата Бонди во Сиднеј, соопшти полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс. Меѓу загинатите има девет цивили и еден напаѓач, додека двајца полицајци се повредени при интервенцијата.
Според првичните информации, еден од напаѓачите е убиен на местото на настанот, а втор осомничен се наоѓа во критична состојба. Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, изјави дека инцидентот официјално е прогласен за терористички напад во 21:36 часот по локално време.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го опиша нападот како „шокантен и длабоко вознемирувачки“, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите. Израелскиот претседател Исак Херцог исто така го осуди нападот, наведувајќи дека целта биле лица кои се собрале за да запалат свеќи по повод празникот Ханука.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјави дека нападот бил насочен кон еврејската заедница во Сиднеј, нагласувајќи дека вечер која требало да биде исполнета со мир и радост била претворена во трагедија.
Плажата Бонди, која е едно од најпознатите и најпосетените места во Сиднеј, во моментот на нападот била полна со локални жители и туристи. Полицијата соопшти дека на местото биле пронајдени повеќе сомнителни предмети, кои се предмет на дополнителна експертиза, а пошироката област е целосно затворена за јавноста.
На социјалните мрежи се појавија видеоснимки со хаотични сцени, пукање и луѓе кои панично бегаат. На една од снимките се гледа како граѓанин успева да се справи со еден од вооружените напаѓачи, да му го одземе оружјето и да го принуди да се повлече.
BREAKING – Shocking footage.
Aussie hero has potentially saved multiple lives. #bondi #shooting pic.twitter.com/b3EPqJ77n6— ConservativeAussie (@ConservativeeAu) December 14, 2025





