Џаред Кушнер се повлече од планираниот проект за изградба на хотелот „Трамп“ во Белград, откако иницијативата предизвика масовни протести и кривични постапки против високи српски функционери, објави „Волстрит џурнал“.
„Бидејќи значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон народот на Србија и градот Белград, ја повлекуваме нашата апликација и во овој момент се повлекуваме“, изјави портпарол на инвестициската фирма на Кушнер, „Affinity Partners“.
Контроверзите околу проектот започнаа кога владата на претседателот Александар Вучиќ се обиде да го укине статусот на културно наследство на поранешниот комплекс на Генералштабот, каде што требаше да се реализира инвестицијата. Обвинителството покрена истрага, при што беше уапсен еден функционер за наводно фалсификување документи, а подоцна беа донесени и две итни законски мерки во парламентот (lex specialis), со кои локацијата и други објекти го изгубија заштитениот статус.
Опозицијата и дел од јавноста ваквите потези ги оценија како неуставни и корумпирани, тврдејќи дека српските власти се обидуваат да ја придобијат поддршката на САД. „Вие го нарекувате инвестиција, ние го нарекуваме велепредавство“, изјави пратеничката Мариника Тепиќ. Во меѓувреме, илјадници студенти излегоа на протести, најавувајќи дека ќе ја блокираат локацијата доколку започне изградбата.
Вчера, Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца високи функционери, поврзани со незаконското отстранување на статусот на културна сопственост на зградите на Генералштабот. Осомничените се товарат за злоупотреба на службена должност и фалсификување службена исправа.
Селаковиќ, кој веќе беше испрашуван на 4 декември, јавно го критикуваше Обвинителството, нарекувајќи го „автоимуна болест“ и обвинувајќи го за узурпација на дел од државниот систем.
„Волстрит џурнал“ оценува дека повлекувањето на Кушнер претставува ненадеен крај на проект на кој се работеше повеќе од две години. Кушнер е основач на „Affinity Partners“, приватна инвестициска фирма вредна 4,8 милијарди долари, која е во голема мера финансирана од фондови и влади од Блискиот Исток.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



