До Левица стигнала информација дека во петокот ноќта, на Клиниката за гинекологија и акушерство снемало електрична енергија при што и инкубаторите, кои ги обезбедуваат фундаменталните услови за преживување на предвреме родените бебиња, престанале да работат. Од партијата објаснуваат дека, според нивните информации, струја немало повеќе од половина час, а не проработеле ни агрегатите, па животите на овие бебиња биле доведени во опасност.
„Пет дена изминаа, а министерството за здравство и раководните лица на Клиниката молчат и не преземаат никаква одговорност за општиот хаос што се случил според нашите информации. Во држава во која приватни објекти и ресторани имаат обезбедено генератори, недозволиво е установа од терциерната здравствена заштита, а при тоа и универзитетски клинички центар да нема функционален и сигурен резервен систем.
Додека во светот медицината напредува кон минимално инванзивни процедури, роботика и високотехнолошки решенија, во Македонија се молиме да не случајно снема струја на неколку часа, бидејќи немаме функционални генератори и животите на новороденчоњата кои се во инкубатори се оставени на милост и немилост,“ реагираат од Левица.
За нив ова е апсолутен показател на некомпетентност, незаинтересираност и неодговорност. Од партијата побараа директорката на Клиниката, Ирена Алексиовска Папестиев итно да одговори за овие сериозни сомнежи.




