Сте биле ли скоро во некогаш популарниот „Жена парк“ кој е мала оаза меѓу ГТЦ и парламентот? Ние од редакцијата бевме и видовме дека оазата е преполнета со споменици, а многу од нив се ептен запуштени. Оној најголемиот, Споменикот на паднатите херои за Македонија е и најзапуштен. А тој е релативно нов.
Белиот мермер не е веќе така бел, па се повеќе наликува на запуштен објект од кој секој дигнал раце. А тоа е обележјето за оние кои ги жртвувале своите животи за татковината.
На секој од триде дела на компзицијата од споменикот направен во 2012 година и кој чинел 1,7 милиони евра се забележуваат оштетувањата. На првиот дел кој го симболизира „Светот на живите“ веќе се гледаат оштетувањата на скулптурата на Прометеј, додека вториот дел – на кој е претставен преминот помеѓу светот на живите и светот на вечноста – е во исклучително лоша состојба. Електричните светилки долж патеката се речиси сите оштетени, искорнати од лежиштата не функцинираат, патеката е потемнета, а мермерот на повеќе места оштетен. Третиот дел каде е Светот на вечноста веќе претворен во депонија во која доминира со години изгаснатиот вечен оган кој веќе никој нема намера да го поправи и е оставен да пропаѓа. Долниот дел од ротонда, пак, е центарот на депонијата во која се трупа валкана вода, шишиња, фрлени хартии и кои никој не ги чисти…
Очигледно е дека споменикот во кој до 2016 година редовно се прославуваше Денот на независноста е оставен на заборавот и дека пропаѓа. Патем, за одржување на овие споменици и фонтани постои договор меѓу Градот Скопје и општина Центар, потпишан од претходниците на актуелните градоначалници.
Можеби идеата е да имаме нов споменик – на негрижата и јавашлукот иако тоа го гледаме насекаде во Скопје.