Tрите медицински сестри од Инфективната клиника кои си дадоа отказ, утрово се сретнале со Министерот за здравство, Венко Филипче. Како што објавува министерот, тие се договориле после одморот што го земале повторно да разговараат и да најдат начин да останат да работат во клиниката.
-Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната Клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници, напиша Филипче.
Главната медицинска сестра на Инфективна клиника, Зорица Љубичиќ Митиќ, вчера дала отказ на работното место, а тоа претходно го сториле уште две медицински сестри од клиниката.
-Причините за да ја напуштам Клиниката по 28 години професионална посветеност се многубројни, но би навела само една: Непочитување и деградирање на профилот медицинска сестра, како една од најважните алки во медицинскиот тим, напишала Љубичиќ Митиќ во отказното писмо упатено до раководството на Инфективна.
Останува прашањето, зошто министерот Филипче не знаел дека има незадоволство кај дел од медицинскиот персонал на Инфективна и зошто наместо сега, не се сретнал за да ги разбере медицинските сестри порано.