Инвеститорите од фирмата „МГ Фешн“ поднеле барање за добивање градежна дозвола за изградба на првата повеќекатница кај хотелот „Холидеј ин“, но тоа се уште не е одобрено. Ова денеска го соопшти градоначалникот на скопската општина Центар Саша Богдановиќ, кој рече дека барањето е поднесено по електорнски систем. Богдановиќ не одговори дали ќе го потпише одобрението или не. Тој на вчерашната седница на Советот на општина Центар предпредуваше дека општина Центар може да дојде во ситуација да плати голема отштета во случај на суспензијата на ДУП-от за оваа локација.
-Инвеститорот си го поднесува проектот, си уплаќа комуналии и нормално дека си поднесува барање за одобрение. Моментот е што тој си аплицира во системот. Управната постапка завршува на крај со правосилност. Јас се уште не сум дал правосилност, изјави Богдановиќ.
Тој нагласи дека во моментов имаат забрана од Уставен суд да преземаат какви било дејствија и повторно укажа за штетите кои би настанале доколку Општината донесе одлука за суспензија на овој урбанистички план.
– Каква било одлука што ќе донесете мора да ги предупредите и советниците кои гласаат за таа одлука, но пред се и граѓаните дека штетата за такви одлуки може да ја плаќаат, рече Богдановиќ.
Градоначалник објасни дека негов личен став е дека треба да се ревидираат плановите, да се искористат сите можности, но да се знаат и штетите што може да настанат.
Вчерашната седница на Советот на Општина Центар, каде што се дискутираше за покренување суспензија на спорните детални урбанистички планови, беше прекината, но нема информација кога ќе продолжи.