Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:
Економско-социјалниот билтен од изминатата недела бележи – најави за зголемување на цени и на даноци во „Северна“, во услови на веќе 10.000 нови лица евидентирани како социјални случаи. Свидетелства за годишниот успех на учениците нема, но ќе ги имало кон крајот на летото, а како врв на апсурдот е намерата на власта да им наплаќа пашарина на пчеларите, затоа што нивните пчели оделе на државно земјиште!?
Додека пак, надворешно-политичкиот билтен сè уште трага по содржината од предлогот на северниот премиер понуден на источниот сосед заради (не)добрососедство и ирационално бришење на македонската историја, македонскиот јазик и национален идентитет.
На ова, последново, треба да сме особено внимателни, во услови на именско, историско и идентитетско редефинирање на македонскиот атрибут согласно Преспанската спогодба (2018). Дотолку повеќе, што и бугарската и грчката надворешна политика во однос на македонската страна се недобронамерни, а синхронизирани и имаат постар датум на заедничко дејствување.
Оттука, неопходна е силна македонска – научна, општествена и народна реакција против политичката недоделканост и агресивност на претставниците од „Северна“. Ова го велам, особено имајќи ја во предвид „северна флоскула“ што неодамна прозвучи во етерот дека „Бугарите и Македонците истовремено зборуваат ист јазик, но и на различни јазици коишто се одделно меѓународно признати“!?
Воопшто не доликува да се артикулираа оваа празна и ефтина изјава пред општествената јавност, небаре останала без памет, па ќе ракоплеска на оваа глупост. О, Господе, при толку многу проучувачи на јазикот, на литературата и историјата, ние Македонците како да онемевме и оглупавивме пред оваа чудовишна, неморална содржина!
Време е да им се покаже каде им е местото на овие бладачи и насилници, кои безумно веруваат дека испишуваат „нова историја“. На буништето од историјата, таму им е местото!
Време е да кажеме јасно и гласно, дека сето ова создава проблем за Македонците и за македонската држава која егзистира 77 години со свои јавни, државни и научни институции.
Време е да кажеме гласно, дека нивниот брат, не е и наш брат – ниту бил, ниту ќе биде!
Македонскиот народ е тој што во времето и просторот, под влијанијата и притисоците, низ причините и последиците создава своја историја – македонска, има свој јазик и своја култура–македонски, своја македонска држава и автентичност. Сето ова мора да го браниме со сите наши интелектуални и морални сили, сега и овде.