Темен режим Режим на светлина

Европски земји во серија ги укинуваат превентивните мерки, во Македонија ќе се почека

Данска, Норвешка, Финска, Ирска, Холандија, Велика Британија, Франција, Шпанија… почна со укинување и со олеснување на превентивните мерки за населението против ширењето на корона вирусот. Во тоа најдалеку отиде Данска која од вчера ги укина речиси сите ковид мерки, и покрај релативно високиот број на заразени во таа земја. Во ова земја задолжителното носење маски сега е минато, заедно со прикажувањето на ковид потврди. Ковид-19 повеќе не е класифициран како „критичен за општеството“, а единственото правило кое остана на сила е дека патниците мора да покажат доказ за вакцинација при влез во државата.

– Ја поминавме критичната фаза, изјави данската премиерка Мате Фредериксен минатата недела кога најави укинување на мерките.

Норвешката влада вчеравечер објави крај на повеќето мерки против коронавирусот, верувајќи дека општеството може и треба да живее со вирусот.

-На рестораните повторно ќе им биде дозволено да служат алкохол по 23 часот, работата од дома веќе нема да биде задолжителна, а сегашната граница од десет посетители во приватните домови е укината, изјави премиерот Јонас Гар Стоере.

Норвешка ќе ги задржи основните мерки за социјално растојание и ќе бара од луѓето да останат најмалку еден метар подалеку и да носат маски за лице на места каде што има многу луѓе.

Во Ирска пред десетина дена се укинаа најголемиот број на мерките кои беа на сила речиси две години, а за влез во баровите и рестораните повеќе нема да бидат потребни сертификати за Ковид. Отворените и затворените простори ќе се користат со полн капацитет. Некои мерки, како носењето маска во јавниот превоз и во продавниците, засега ќе останат на сила.

Пред недела дена и Холандија реши да ги отвора рестораните, театрите, музеите и кината и покрај силниот бран на омикрон. Кафулињата и рестораните, како и културните центри ќе бидат отворени до 22 часот, но со рестриктивни мерки како задолжително носење маски и сертификат за вакцинација. Публиката повторно ќе може да учествува во спортски настани како фудбалски натпревари. Пред тоа беше укината мерката за затворање продавници.

-Финска ќе почне да ги олеснува ограничувањата воведени поради корона вирусот, а сите мерки ќе бидат укинати во рок од еден месец, соопшти вчера премиерката Сана Марин.

Од утре во Финска ќе може да се влезе или со ковид-сертификат или со потврда за прележана болест или со негативен резултат од ПЦР тест не постар од 72 часа. Ќе се ублажат и мерките за ресторани и настани каде што ризикот од ширење на корона вирусот се смета за низок. 

И Франција започнува со укинување на мерките со што граѓаните повеќе нема да мораат да носат маски на отворени простори, а далечинската работа веќе не е наметната, туку само се препорачува. Од 16 февруари, диско клубовите – кои се затворени од 10 декември – ќе можат повторно да се отворат и повторно ќе бидат дозволени концерти. Во Шпанија започнува отворањето на диско клубови и други места за ноќен живот. Ова прво ќе се случи во Каталонија, на 11 февруари.

Од друга страна, македонските здравствени власти се уште не размислуваат за олеснувањето на превентивните мерки. Новиот претседател на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски вчера изјави дека досегашните мерки остануваат на сила.

-Нема да работиме на принцип „Во Англија ги фрлиле маските, тоа ќе го направиме и ние“. Нема толку едноставно да ги прифаќаме работите, ќе ги следиме сите научни сознанија по што ќе произлегуваат низа препораки, рече Петличковски.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
ВМРО-ДПМНЕ започнува внатрепартиски промени во раководството

ВМРО-ДПМНЕ: За фирмата блиска до Рашковски да добие тендери за „Дрисла“ условите биле менувани сред оглас

Следна објава

Уставните судии го отфрлија барањето на Каракамишева за повреда на правата со Преспанскиот договор