Американска потпретседателка: Видовме Палестинци како јадат лисја, а деца умираат

Потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, упати досега најжестоки критики за политиката на Израел кон Палестинците. Харис нагласи дека „она што се случува секој ден во Газа е поразително“.

– Видовме извештаи за семејства кои јадат лисја и сточна храна. Жени кои раѓаат неухранети бебиња со мала или никаква медицинска нега. Деца кои умираат од неухранетост и дехидрација, изјави Харис синоќа, еден ден пред планираната средба со израелскиот министер за одбрана Бени Ганц.

Американската потпретседателка истакна дека се убиени премногу невини Палестинци, а оние што преживеале гладуваат.

– Пред само неколку дена, видовме гладни, очајни луѓе како се приближуваат до камиони со хуманитарна помош, едноставно обидувајќи се да обезбедат храна за своите семејства откако неколку недели речиси и да не стаса помош до северниот дел на Газа. Тие наидоа на пукотници и хаос. Условите се нехумани. Нашата заедничка хуманост не принудува да дејствуваме. Како што рече во петокот претседателот Џо Бајден, САД се посветени на итно добивање на поголема помош за спасување на невините Палестинци на кои им е потребна, рече Харис и додаде дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да доставуваат хуманитарна помош за Палестинците, испуштајќи ја од авиони.

Зборувајќи за Хамас, Харис рече дека организацијата не покажува почит кон невините жртви, вклучувајќи го и народот во Газа.

Повикувам на итен прекин на огнот во Газа, барем за следните шест недели. За тоа време ќе се извлечат заложниците и ќе се достави значителна количина на помош. Хамас тврди дека сака прекин на огнот – добро, договор е на маса. Како што рековме, Хамас треба да се согласи со тој договор. Ајде да постигнеме прекин на огнот. Да ги обединиме заложниците со нивните семејства. И да обезбедиме итна помош за луѓето во Газа – истакна Камала Харис.

Претходна вестПритвор за мажот што палеше казино во Битола: истурил бензин врз шест слот-машини
Следна вестПо многу години, Пандев повторно ќе го облече дресот на Интер за ревијален натпревар